Кошаркарите бараат сигурни плати, скратени тренинзи, еднокреветни соби и - банани!

Унијата на кошаркари од АБА-лигата, која се формира пред само два дена, веќе испрати допис до седиштето на јадранското натпреварување во кое бара уредување на меѓусебните односи, со цел подобрување на условите кои ги имаат играчи, но и одредувајќи норми кои тешко дека во целост би биле прифатливи за клубовите.

Покрај ставката за редовни и пред сѐ сигурни плати, како своевидна мотивација за играчите, од новоформираниот синдикат имаат одредени барања поврзано со должината на траењето на тренинзите, како и за тоа кога би почнале подготовките пре сезоната, нешто што секогаш досега било дискреционо право на тренерот. Така, кошаркарите бараат ограничување на времетраењето на тренинзите, како и обврска тие да не се закажуваат рано наутро како своевидна казна.

„Во два дена по ред, клубовите имаат право да одржат најмногу три тренинзи. Во деновите кога екипата има два тренинга дневно, утринскиот не смее да биде подолг од 60 минути и тоа без контакт, додека вториот смее да трае максимално 90 минути. Кога има еден тренинг во денот, тој не смее да трае подолго од 120 минути. Ниту еден тренинг не смее да биде закажан пред девет часот наутро, како и пред 12 часот во деновите кога клубот има натпревар. Клубовите на играчите задолжително мора да им обезбедат еден целосно слободен ден во текот на неделата“, се дел од барањата на Унијата на кошаркари од АБА.

Во делот со повредите, од клубовите се бара да им дозволат на своите членови да побараат второ лекарско мислење освен тоа на клупскиот доктор, а во случај на различни мислења конечната дијагноза да ја постави лекарот на Унијата. Јадранскиот играчки синдикат има и сериозни барања за патувањата и тоа задолжително обезбедување авионски превоз за секоја дестинација каде што има аеродром и користење на „брз чекин“, за тие да не чекаат со останатите „смртници“. А, ако се патува со автобус, да мора да има најмалку четири седишта слободни за секој од кошаркарите, кои притоа би морале да добијат топол оброк на одење и на враќање, секако на сметка на клубот.

Кошаркарите бараат пред секоја средба во АБА во соблекувалните на двата тима да има „доволна количина на спортски или енергетски пијалоци и овошје, меѓу кое банатата е задолжителна“. Исто така, клубовите мораат на играчите да им обезбедат еднокреветни соби при престојот во хотел за гостински натпревари, нешто што се коси со досегашната пракса во јадранското натпреварување, каде што лигата обезбедува двокреветни соби за кошаркарите.

Наведените примери се само дел од барањата кои Унијата на кошаркарите во АБА ќе ги поднесат официјално до ова натпреварување и тоа веќе за следниот состанок на Собранието, закажано за 16 јули со видео-конференциски повик.