
Кошаркар на Олимпијакос доби тужба од навивачи на ПАО за – симулирање секс на терен (ВИДЕО)
Инцидентот се случи за време на синоќешната трета финална средба, која Олимпијакос ја доби со 99-88 и поведе со 2-1 во серијата. Во последната четвртина, Фурние направи вулгарен гест упатен кон зелено-белите навивачи, симулирајќи секс, што предизвика револт кај навивачите и прекин на натпреварот. Сцената беше емитувана во живо на државната телевизија ERT. Набргу по инцидентот, дел од навивачите фрлија рекламна табла на теренот, а Фурние беше исклучен. Веднаш потоа, навивачи на Панатинаикос поднесоа официјална пријава до полицијата, а клубот најави и судска постапка против францускиот кошаркар.
„Панатинаикос ќе ги преземе сите законски мерки согласно грчкото законодавство против Еван Фурние, поради неговиот срамен и провокативен гест“, се вели во официјалното соопштение на клубот.
Одговор стигна и од Олимпијакос, кој најави дека ќе достави видеоматеријали од инцидентите во салата ОАКА до надлежните институции и федерацијата.
„Ќе преземеме сѐ што е потребно за хулиганите кои физички ги нападнаа Фурние и тренерот Јоргос Барцокас да бидат изведени пред правдата“, соопштија од клубот од Пиреј.
Олимпијакос има можност да ја потврди титулата пред своја публика, во четвртиот натпревар што ќе се игра в недела од 20 часот.