Јокиќ се претвора во ѕвер кога игра за Србија – со пола сили ги уништи Грците (ВИДЕО)

Никола Јокиќ повторно ја оправда улогата на лидер на српската кошаркарска репрезентација, предводејќи ја до победа во синоќешната пресметка со Грција (76-66) на турнирот во Лимасол (Кипар).

Ѕвездата на Денвер нагетс оствари импресивни 23 поени, 19 скокови и четири асистенции, бројки блиску до неговиот просечен трипл-дабл во НБА. Настапот на Јокиќ предизвика реакции и преку океанот, каде навивачи на Денвер на социјалните мрежи коментираа дека „игра со пола сила, а подобро отколку во НБА“. Центарот на Србија од почеток до крај „малтретираше“ грчките кошаркари, било со неговиот препознатлив „Сомбор шафл“ или со игра под кош, каде практично беше незапирлив.

Ова беше трета победа на Србија во подготовките за Евробаскет 2025, по триумфите над БиХ и Полска. Подготовките продолжуваат денеска против домаќинот Кипар, а потоа следуваат натпревари на турнирот во Минхен, каде прв ривал ќе биде Чешка, пред генералната проба со Словенија на 21 август во Белград.

ФОТО: X / @BigBadWolfWolfy