
Јокиќ и официјално ќе ја предводи Србија на ЕП – закажан спектакл против Дончиќ!
Србија со овој состав ќе се подготвува за групната и завршната фаза што ќе се одржи во Рига (Летонија), а на крајот ќе бидат одбрани 12-мината најдобри. По пауза поради лични причини, во репрезентацијата се враќа искусниот плејмејкер Стефан Јовиќ, а новитет е и повратникот Ален Смаилагиќ, кој по речиси четири години повторно ќе го носи дресот на Србија. На списокот е и младиот НБА-кошаркар, Тристан Вукчевиќ, кој првпат добива шанса од селекторот Пешиќ, откако одлучи да ја претставува Србија, а не Грција чиј пасош исто така има.
Покрај него, повик добија и неговите поранешни соиграчи од Партизан – Балша Копривица и Урош Трифуновиќ. Потенцијален дебитант е и талентираниот бек Никола Топиќ, кој имаше одличен настап во Летната лига со Оклахома по заздравувањето од повреда. Како што и претходно најави Пешиќ, има одредени измени во споредба со бронзениот тим од ЛОИ во Париз. Го нема Урош Плавшиќ, а од списокот отсуствуваат и имињата на Никола Калиниќ, Алексеј Покушевски и Никола Ѓуришиќ, кој настапуваше за Атланта Хокс во Летната лига.
Србија ќе ги почне подготовките во Стара Пазова, а потоа следуваат пријателски натпревари. Најголемо внимание привлекува пресметката со Словенија, која е закажана за 21 август во белградската арена, каде што навивачите ќе имаат можност да ги испратат своите миленици пред заминувањето за Рига.
Поширок список на репрезентацијата на Србија: Богдан Богдановиќ (ЛА Клиперс), Стефан Јовиќ (без клуб), Василије Мициќ (Хапоел Тел Авив), Алекса Аврамовиќ (Дубаи), Вања Маринковиќ (Партизан), Марко Гудуриќ (Олимпија Милано), Урош Трифуновиќ (Тофаш), Никола Топиќ (Оклахома Сити), Огњен Добриќ (Црвена звезда), Никола Јовиќ (Мајами Хит), Ален Смаилагиќ (Виртус Болоња), Тристан Вукчевиќ (Вашингтон Визардс), Филип Петрушев (Дубаи), Никола Јокиќ (Денвер Нагетс), Никола Милутинов (Олимпијакос), Балша Копривица (Бахчешехир), Дејан Давидовац (Црвена звезда).
ФОТО: EPA PHOTO