
„Двомечот со Бугарија ќе ни покаже каде сме пред дуелот со Грција во Атина!“
Првиот е закажан за утре од 17 часот, додека вториот ќе се одигра на 30 јули напладне - двата меча ќе се играат во салата „Левски“. Селекторот Јошко Миленкоски оцени дека дуелите со Бугарија ќе бидат вистински тест за досега сработеното во првиот микро-циклус од подготовките, кој се одвиваше во Маврово. Според него, овие натпревари ќе помогнат да се увидат добрите страни, но и сегментите кои треба да се унапредат пред почетокот на квалификациите.
„Задоволен сум од интензитетот и ангажманот на играчите во Маврово. Сега фокусот го насочуваме кон техничко-тактичките елементи. Бугарија ќе ни покаже каде сме стабилни, а каде имаме простор за напредок пред пресметките со Грција и Грузија“, изјави Миленкоски пред заминувањето за Софија.
По дуелите во Софија, репрезентацијата ќе продолжи со подготовките во Скопје, каде од 5 до 7 август ќе учествува на меморијалниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“, заедно со селекциите на Бугарија и Швајцарија. Првиот официјален натпревар од евро-квалификациите Македонија ќе го одигра на 13 август против Грција во Атина, додека на 17 август ќе ја пречека Грузија во Скопје, со што ќе биде комплетиран квалификацискиот циклус.