Хрватска не прифаќа одложување - бара милионска оштета за пропаднатиот турнир во Сплит!

Службеното одложување на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио за следната година поради пандемијата со коронавирусот, автоматски стави крај и на планираните квалификациски турнир во сите спортови, меѓу кои и кошарката, што донесе разочарување во Хрватска и итна реакција на кошаркарските челници во оваа држава во делот на барање да им се покрие финансиската загуба.

Хрватите платија 2,6 милиони евра за да добијат организација на еден од трите предолимписки турнири, кој требаше да се одржи во Сплит, за што веќе беа почнати подготовките, а со тоа и направени дополнителни трошоци.

„Ова е тотален хаос, никој ништо не знае. Единствено што знам е дека ќе мора да ни ги вратат вложените пари. Турнирот во Сплит беше договорен за ова лето, а не за следното. Не можеме сега да знаеме што ќе биде тогаш. В година ќе се игра и Евробаскетот, кој би требало да се одржи пред Олимписките игри и да биде своевиден квалификациски филтер за репрезентациите кои се во игра како Хрватска, Словенија, Грција, Литванија...“, изјави првиот човек на хрватската кошарка, Стојко Вранковиќ.

На турнирот во Сплит, „коцкестите“ требаше да играат заедно со Бразил, Тунис, Мексико, Русија и Германија, а на ЛОИ пласман би обезбедила само најдобрата селекција. Останатите три квалификациски турнири, кои исто така се одложени, требаше да се одржат во Србија, Литванија и во Канада.