Гробари не дозволија нов хаос - со клоци ги избркаа тепачите на Вучиќ од трибината (ВИДЕО)

Група таканаречени „луѓе во црно“, кои според српските медиуми делуваат по налог на власта со цел да спречат скандирања против претседателот Александар Вучиќ и да предизвикаат инциденти, се појави и на синоќешната пресметка помеѓу Партизан и Барселона во Белград, но нивната мисија за предизвикување хаос и тепачки овој пат не беше успешна.

Навивачката група „Гробари“ брзо реагираше кога забележа непознати лица на трибините. Откако во минатото дозволуваа вакви упади што предизвикуваа инциденти, овојпат решија самите да спречат евентуални нереди. Членовите на групата им пријдоа на „луѓето во црно“ и ги натераа да ја напуштат салата, при што целата ситуација беше снимена. Иако немаше посериозни физички судири, очевидци велат дека „Гробарите“ беа далеку побројни и дека таканаречените провокатори немале никакви шанси да се спротивстават.

По инцидентот, навивачите на Партизан изразија задоволство што не дозволиле да се наруши редот и угледот на нивната група. На социјалните мрежи се појавија бројни коментари со поддршка, меѓу кои беа и: „Вака се бркаат! Првпат исклоцани како што треба“,
„Ова е победа поголема од самата средба. Благодариме за гордоста што ја почувствувавме вечерва како навивачи на Партизан“, „Го избркаа ѓубрето како што заслужува“.

Партизан средбата ја загуби со 76-78 во драматичен финиш, откако пред самиот крај прими тројка од десетина метри.