Кошаркарите на МЗТ Скопје остануваат непоразени и по првото гостување во АБА2-лигата, откако вечерва, со подобра игра во второто полувреме, го совладаа незгодниот тим на Спарс (77-65), кој им беше противник во полуфиналето од плејофот во минатата сезона.

Клучна за победата на аеродромци беше серијата 15-3 во финишот од третата и стартот на последната четвртина, со која македонскиот претставник дојде до највисокото водство со 13 поени (68-55), кое му ја осигура втората по ред победа во регионалното натпреварување. И првата „жртва“ на тимот предводен од Ѓорѓи Кочов беше тим од БиХ и тоа тузланска ОКК Слобода.

Двете екипи беа изедначени речиси во сите статистички категории, па нијанси го одлучуваа победникот како двете тројки повеќе (6-4), двете погодени слободни фрлања повеќе (14-12) и по трите украдени топки повеќе (11-8) односно загубени топки помалку (15-18) во корист на сино-белите. Американецот Џабари Хиндс беше убедливо најдобар во составот на МЗТ Скопје завршувајќи го мечот со 23 поени, девет скока, осум асистенции и три украдени топки. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дамјан Стојановски со 12 поени и Нуни Омот со 10 поени, сите во првото полувреме.

„Металците“ следните два меча во АБА2-лигата ќе ги одиграат на домашен терен, а прв ривал ќе им биде словенечка Рогашка  веќе следниот вторник во „Јане Сандански“.