Македонија се засили со фантастичен леворак Американец – ќе игра против Ирска и Луксембург!
Станува збор за 196 сантиметри висок бек кој зад себе има богато искуство од силната НЦАА-лига, развојната НБА Џи-лига, како и од европската сцена, каде што во последните сезони настапуваше за словенечка Цедевита Олимпија. Во дресот на Мисисипи Стејт беше еден од најдобрите играчи на тимот и во својата последна колеџ сезона просечно постигнуваше 16 поени по натпревар.
Стјуарт игра на позициите бек-шутер и ниско крило, а негови најсилни страни се атлетизмот, играта еден на еден и способноста сам да креира поени. Токму таков профил на играч одамна ѝ недостасува на Македонија, особено во надворешната линија каде што националниот тим во последните години често имаше проблеми со креацијата и реализацијата.
Македонија во јулскиот прозорец ја очекуваат два исклучително важни натпревари од квалификацискиот циклус во кој влегува со скор 4-0. На 2 јули нашата селекција ќе ја пречека Ирска (2-2), а три дена подоцна ќе гостува кај Луксембург (2-2), а во групата се наоѓа и селекцијата на Азербејџан (0-4).
Доколку административните процедури бидат завршени навреме, Стјуарт би требало да дебитира токму на овие средби и да му донесе дополнителен квалитет на тимот на селекторот. Со оглед на неговото искуство од силни натпреварувања и годините кои се пред него, тој би можел да претставува важно решение не само за тековните квалификации, туку и за следните неколку репрезентативни циклуси.
За Македонија ова би било едно од најзвучните натурализирања во последните години, особено ако се земе предвид дека Стјуарт доаѓа во најдобрите играчки години и со сериозно европско искуство зад себе.