Шампионката на Вимблдон од 2023 суспендирана на четири години!
Одлуката ја донесе Меѓународна агенција за интегритет во тенисот, а случајот се однесува на допинг-контрола од декември минатата година, кога Вондроушова одбила да даде примерок за време на тестирање надвор од натпреварувањата.
Независно тело го разгледало случајот во април, а сега е изречена четиригодишна суспензија. Агенцијата во претходно објаснување на своите правила нагласи дека тестирањето на играчите по барање претставува темел на секоја антидопинг-програма. Во истиот документ се наведува дека почетната казна за одбивање тестирање изнесува четири години, со цел спортистите кои евентуално ги прекршуваат правилата да не можат да добијат поблага санкција само со одбивање на контролата.
На својата официјална страница агенцијата наведува и дека тенисерите можат да бидат тестирани во секое време и на кое било место, вклучувајќи тренинзи, хотели за време на турнири, па дури и во сопствениот дом. Тестирањата се спроведуваат без претходна најава, во согласност со правилата на Светска антидопинг агенција.
Токму затоа случајот на Вондроушова се смета за особено сериозен. Не станува збор за позитивен наод на забранета супстанца, туку за одбивање на тестирање. Но, според антидопинг-правилата, ваквиот прекршок може да носи подеднакво тешки последици.