Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до четвртата победа во петиот меч сезонава во АБА2-лигата и тоа далеку потешко од очекувањата во пресметката против словенечкиот претставник Хелиос (70-69).

Аеродромци водеа во текот на целиот натпревар, во неколку наврати и со двоцифрена разлика, но на крајот му дозволија на противникот да изедначи во последната минута (69-69), а потоа и да има отворен шут за победа на неколку секунди до крајот. За среќа на македонскиот претставник, Даниел Вујасиновиќ не погоди од чиста позиција, за радост, но пред сѐ олеснување на клупата на „металците“.

МЗТ во последните стотина секунди влегоа со предност од 69-62, но потоа како да заборавија да поентираат, па словенечките кошаркари со седум поени во низа дојдоа до егал-ситуација во каква се немаа најдено уште од првата четвртина. Претходно, на стартот од последниот период, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов имаа и плус 12 (61-49), но тоа не ги спречи да влезат во драматичен финиш во кој малку фалеше да бидат шокирани од ослабениот противник.

Феми Олуџоби со 16 поени беше најпрецизен кај составот од „Јане Сандански“; додека Андрија Бојиќ постигна 12, а Андреј Магдевски 10 поени со шест скока и седум асистенции. МЗТ сега има учинок 4-1 во пресрет на следниот дуел на турнирот во Бања Лука против Слобода Ужице, закажан за в петок.