Балканската лига нуди две места за македонски клубови во следната сезона!

Челниците на Балканската лига (БИБЛ) испратиле писмо со намери до Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), во кое има понуда за две места за екипи од нашата држава за следната сезона.

Во БИБЛ-лигата веруваат дека ќе успеат да реализираат натпреварување со најмалку по два клуба-учесници од земјите во нашето опкружение. Вакви покани стигнале и до националните федерации на Албанија, Бугарија, Косово, Црна Гора, а постои можност во лигата да биде вклучена и некоја екипа од други земји на Балканот. Во зависност од бројот на пријавените екипи, БИБЛ предвидува формат за играње со осум, односно со 10 или 12 клубови. Првенството би стартувало на 20.октомври, а би било завршена со финален турнир во период од 16. до 18. април, 2021 година.

Ова натпреварување опстојува веќе 12 години, а македонски тим сѐ уште го има епитетот актуелен шампион. Гевгелиска Блокотехна беше најдобра на ланскиот завршен турнир во Тирана, додека сезонава првенството, кое се играше без екипи од нашата земја, беше стопирано поради пандемијата со коронавирусот.

Претходно, КФМ доби можност да пријави четири екипи во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, додека Македонија има можност да пријави и два тима во АБА2-лигата.