Антиќ: Одбив милиони од Кина само за да играм за Звезда!

Перо Антиќ вчеравечер допатува во Белград и веднаш по доаѓањето се запозна со своите нови соиграчи и стручниот штаб на Црвена звезда, чии бои ќе ги брани во оваа сезона.

Антиќ утринава ги мина лекарските прегледи, а вечерва ќе му се приклучи на тимот и на подготовките. Искусниот крилен центар, кој со Фенер во мај стана европски шампион, си ја исполни својата желба и повторно ќе го носи „црвено-белиот“ дрес.

„Менаџерот и управата на Фенер го бараа најсоодветното решение за мене, имав загарантиран договор, но имав и дилема, дали да останам, дали да уживам во побогат договор или да играм и да бидам среќен на друго место. Кога се појави Црвена звезда, не размислував ниту една секунда. Имав и други понуди, можев да имам подобар договор во Евролигата, пет пати повисока плата во Кина... Но, сакав да играм за Звезда и сѐ се поклопи. Не сум финансиски терет за мојот клуб, бидејќи Фенер плаќа голем дел од договорот и не завземам место како странец.“, изјави Антиќ за клупскиот сајт.

Перо Антиќ по заминувањето од Црвена звезда во првиот мандат направи сериозна интернационална кариера, преку Русија, Грција, САД и Турција, но во текот на тој период никогаш не ја криеше својата приврзаност кон црвено-белите. А, таа е до толку голема што не е потребно никакво објаснување, туку за неа сведочи и една од бројните тетоважи на неговото тело. Како еден од најискусните во тимот на Звезда, имаше и порака за крај.

„Кога играш и кога игра Црвена звезда, притисокот секогаш постои. Свесен сум дека во текот на сезоната ќе имаме подеми и падови, а ние најискусните мора да го понесеме целиот товар. Меѓутоа, како што знам за тоа, знам и колку нѐ сакаат навивачите и дека ќе ни ја дадат комплетната поддршка на секој натпревар. Што се однесува до мене лично, сите ме знаат, паролата е едноставна „срце на терен, па што биде нека биде“, заклучи Антиќ.