Тројка со сирената му донесе победа на Кливленд во Бруклин (ВИДЕО)

Вторпат во 48 часа Кливленд го совлада Бруклин, но сега многу драматично, со кош точно пред сирената за конечни 116-114.

Исак Окоро ја искористи можноста да се прослави како херој, погодувајќи од аголот кога на часовникот останаа 0,7 секунди до крајот. Целата ситуација беше напната, бидејќи Донован Мичел изведуваше слободни фрлања за изедначување на Кливленд, при резултат 115-113. Меѓутоа го промаши второто, па не погоди дури и откако топката му се врати, под обрачот. Керис Леверт направи офанзивен скок и го послужи Окоро кој ги смрзна домаќините.

Тоа беше само шлаг на пресвртот кој почна нешто порано. Бруклин водеше и со 10 разлка во последниот период, а на две минути до крајот имаше 112-104. Мичел и Леверт комбинираа девет поени за да се доближат, а потоа Окоро стави капак. Тоа беше негов само 11-ти поен на мечот, но затоа Мичел предводеше со 31 поен, а Еван Мобли го следеше со 26 коша и 16 скока.

Со овој триумф, Кливленд е речиси безбеден на четвртото место на Истокот, што ќе значи прв настап во плејофот по 2018 година. Бруклин влезе во петтиот пораз едноподруго, поради што падна на седмата позиција, во т.н. плеј-ин зона.

На останатите три средби ЛА Клиперс - Оклахома 127-105, Њу Орлеанс - Шарлот 115-96 и Орландо - Њујорк 111-106.