Триумфот на Никс донесе тепачки и дивеење низ Њујорк – нападнат и Вембанјама (ВИДЕО)

Еуфоријата по ноќешната драматична победа на Никс над Сан Антонио (107-106) прерасна во вистински хаос на улиците на Њујорк.

Илјадници навивачи славеа до доцна во ноќта, а прославата на моменти излезе од контрола, со тепачки, вандализам и бројни инциденти низ градот. Кулминацијата се случила кога дел од навивачите фрлале предмети кон францускиот суперталент Виктор Вембанјама додека се враќал во хотелот по натпреварот. Сцените од улиците на Њујорк брзо се проширија на социјалните мрежи, а многумина ги споредија со навивачката страст која почесто се гледа на европските стадиони. Причината за огромната еуфорија е фактот што Никси се на чекор до првата шампионска титула по цели 53 години.

Тимот од „Големото јаболко“ ноќеска направи неверојатен пресврт и го совлада Сан Антонио за водство од 3-1 во финалната серија. Победата е уште поспектакуларна ако се знае дека Никси во еден момент губеа со дури 29 поени разлика, но успеаја да се вратат и да стигнат до триумф во последните секунди. Во завршниот напад Џејлен Брансон не успеа да погоди за победа, но Оу Џи Ануноби одлично реагираше под кошот и ја врати топката низ обрачот за конечни 107:106 и експлозија од воодушевување во салата и на улиците низ Њујорк.

Со оваа победа Никси дојдоа на само еден триумф од шампионскиот прстен, а ако ја довршат работата, ќе ја освојат првата НБА титула уште од 1973 година.