Трипл-дабл на Дончиќ и нов брејк на Далас, Бостон веќе е во финалето на Истокот (ВИДЕО)

Далас Маверикс дојде на една победа од пласман во финалето на Западната конференција откако ноќеска направи нов брејк против Оклахома, совладувајќи ја со 102-94.

Блескаше Лука Дончиќ кој оствари нов трипл дабл во оваа серија, со 31 поен, 11 асистенции и 10 скока. Триумфот на Далас е апсолутно заслужен ако се знае дека тимот од Тексас беше во водство безмалку цел натпревар, најмногу со 18 поени разлика (89-71). Оклахома успеа да направи серија од 12-1 и да се доближи на -7, но не ја загрози победата на гостите.

Покрај Дончиќ, се истакнаа и Џонс со 19 и Ирвинг со 12 поени, а дабл дабл остварија Лајвли и Вашингтон. Кај Оклахома, Гилџес-Александер стигна до 30 поени, 8 асистенции и 6 скока, додека Холгрем постигна 13. Петтиот меч од серијата се игра во Далас, в недела рано наутро и тоа ќе биде прва шанса за Мавс да обезбеди пласман во финалето.

Бостон Селтикс е првиот кој обезбеди пласман во финалето од својата конференција и ќе го чека својот противник.

Екипата од Масачусетс ноќеска го совлада Кливленд со 113-98 на домашен терен и со вкупно 4-1 се пласира во финалната серија каде ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Њујорк и Индијана. Таму Никс водат со 3-2 пред утрешниот шести натпревар кој се игра на теренот на противникот.

Најзаслужен за триумфот беше Џејсон Тејтум кому за малку му избега трипл дабл затоа што постигна 25 поени, 10 скока и 9 асистенции. На спротивната страна, Мобли реализира 33 поени со 7 скока.