Спектакл на Хјустон и Далас со 300 поени: Блескавиот Харден го преслуша Дончиќ (ВИДЕО)

Кошаркарите на Хјустон на спектакуларен начин дојдоа до победата во синоќешната пресметка против Далас маверикс (153-149) и тоа по одно продолжение, откако во регуларниот дел од мечот губеа со седум поени негатива (131-138) на само 45 секунди до крајот.

Тимот на Лука Дончиќ не успеа да ја задржи убедливата предност, која „ракетите“ ја достигнаа со поените на Ковингтон со звукот на сирената, по намерно промашеното слободно фрлање од страна на Харден. Во дополнителните пет минути тимот на Хјустон заигра подобро и дојде до посакуваниот триумф. Најдобриот кошаркар на „ракетите“ средбата ја заврши со 49 поени, девет скока и осум асистенции, додека на Дончиќ не му помогна ниту фактот што средбата ја заврши со трипл-дабл ефект со 28 поени, 13 скока и 10 асистенции.

Во второто дерби на вечерта, Милвоки бакс го совлада Бостон селтикс (119-112), за што најзаслужен беше Јанис Антетокумпо со 36 поени и 15 скока.

РЕЗУЛТАТИ: Бруклин – Орландо 118-128, Портланд – Мемфис 140-135 (прод.), Вашингтон – Феникс 112-125, Милвоки – Бостон 119-112, Сан Антонио – Сакраменто 129-120, Далас – Хјустон 149-153 (прод.).