Словенецот пак правеше чуда: Дончиќ експлодира во финишот и сам го победи Портланд! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Далас маверикс минимално, но наполно заслужено го победија Портланд трејлблејзерс (102-101) во синоќешната пресметка од НБА-лигата во која, кој знае по кој пат сезонава, блескаше словенечкото „чудо од дете“, Лука Дончиќ.

Тинејџерската сензација средбата ја заврши со 28 поени, девет скокови и шест асистенции, а речиси половина од кошевите ги постигна во клучните моменти односно во последниот период од натпреварот. Дончиќ ги реализира и решавачките поени за триумф на „телињата“ и тоа со кош и дополнително слободно фрлање при резултат 99-99. Далас четвртиот дел го доби со 24-9 со што направи пресврт кој донесе радост на трибините.

Шанса за триумф имаше и Портланд, но Демиан Лилард го промаши шутот за победа на две секунди до крајот. Зад Словенецот со својот учинок беа Тим Хардавеј со 24 и Двајт Пауел со 13 поени, додека Лилард со 30 и Јусуф Нуркиќ со 18 поени беа најистакнати поединци кај гостите од Орегон.