Скандал во Сакраменто: Навивач погоди судијка со топка, Дончиќ го „избрка“ од арена (ВИДЕО)

Непријатен инцидент го одбележа натпреварот меѓу Сакраменто и Лос Анџелес Лејкерс, откако навивач од првиот ред направи недозволив потег и ја фрли топката кон една од судијките.

Сè се случи во третата четвртина, на две минути и 35 секунди пред нејзиниот крај. По една изгубена топка на домашниот тим, топката заврши кај гледач кој седеше веднаш до теренот. Наместо да ја врати, навивачот силно ја фрли во правец на судијката и ја погоди во главата.

Реакцијата на Лука Дончиќ беше моментална. Словенечкиот кошаркар веднаш му се обрати на навивачот, видно револтиран од неговиот потег, а потоа го привлече вниманието и на судиите и обезбедувањето.

Службата за обезбедување брзо интервенираше и го отстрани гледачот од салата. Натпреварот продолжи без дополнителни инциденти, а снимката од случувањето брзо се прошири на социјалните мрежи.