„Сега сакам Јокиќ да биде трејдуван во Њујорк – е тоа би била лудница!“

Трансферот на Лука Дончиќ од Далас во ЛА Лејкерс ја потресе светската кошаркарска јавност, оставајќи ги медиумите и играчите во неверување.

Со овој потег, словенечкиот ас ќе се приклучи на Леброн Џејмс, создавајќи моќен тандем кој го загрижува остатокот од лигата. Додека многумина гледаат на овој трансфер како на нова доминација на Лејкерс, Јанис Адетокумбо има поинаква перспектива. Грчката НБА ѕвезда смета дека преселбата на Дончиќ во Лос Анџелес е голем чекор за европските играчи.

„Сега кога еден Европеец ќе биде, верувам, главното лице на Лејкерс, тоа е нешто ново за Европа. Вакво нешто досега не се случило“, изјави Адетокумбо.

Иако европски играчи како Пау Гасол остваруваа големи успеси во тимови од големи пазари, досега ниту еден не бил заштитно лице на франшиза како Лејкерс. Гркот смета дека ова може да ја промени НБА сцената за играчите од стариот континент.

„Знаете што сакам? Сакам Јокиќ да оди во Њујорк никс. Сакам сите Европјани да бидат во големи пазари и да покажат нешто неверојатно. Тоа е мојот сон“, истакна Адетокумбо.

Како лидер на тим од помало пазарно подрачје, ваквата желба на грчкиот репрезентативец изненадува. Сепак, тоа може да биде сигнал дека и тој размислува за иднина надвор од Милвоки. Иако го поддржува трансферот на Дончиќ, ни самиот не останал рамнодушен на веста.

„Ова е светот во кој живееме. Ова е бизнис, мора да разберете дека никој не е сигурен, никој не е безбеден“, заклучи Адетокумбо.