Почина Дон Нелсон – легендарниот тренер и петкратен НБА шампион

Американскиот кошаркарски стручњак Дон Нелсон почина на 86-годишна возраст, а веста ја потврди неговото семејство. Тој починал мирно, опкружен со своите најблиски.

Нелсон остави огромна трага и како играч и како тренер. Во својата 14-годишна играчка кариера најголемиот дел од времето го помина во Бостон, каде што освои пет шампионски титули во НБА. Неговиот дрес со број 19 е повлечен од употреба од страна на клубот.

По завршувањето на играчката кариера, Нелсон се посвети на тренерската работа и водеше неколку НБА екипи – Милвоки, Голден Стејт, Њујорк и Далас. На тренерската клупа оствари 1.335 победи во регуларниот дел од сезоната, бројка со која долго време беше рекордер во НБА. Подоцна беше надминат од Грег Поповиќ, но и понатаму останува втор на вечната листа. Нелсон трипати беше прогласуван за најдобар тренер во НБА.

Посебен печат остави со својот иновативен пристап кон кошарката. Неговиот стил, познат како „Нели бол“, се темелеше на брза игра, пониски постави и голем број шутеви за три поени, концепти кои денес се составен дел од модерната кошарка. Нелсон исто така беше еден од пионерите на позицијата „поинт-форвард“. Во Голден Стејт ја предводеше генерацијата со Тим Хардавеј, Мич Ричмонд и Крис Малин, а во 2007 година направи еден од најголемите плејоф-подвизи, кога Вориорс ги елиминираа фаворизираните Далас Маверикс.

Токму во Далас Нелсон имаше значајна улога и во развојот на Дирк Новицки. Тој го спои германскиот кошаркар со Стив Неш и помогна да се постават темелите на тимот кој неколку години подоцна ќе стигне до шампионската титула. Нелсон беше примен во Куќата на славните „Нејсмит“ во 2012 година, а во 2025 година ја доби и наградата „Чак Дејли“ за животно дело.

Со неговото заминување НБА загуби тренер кој не освои шампионска титула како предводник на екипа, но остави неизбришлива трага врз развојот на играта и генерации кошаркари и тренери кои ги инспирираше со своите идеи.