Победи на водечките тимови на Западната конференција - Јута, Феникс и Клиперс (ВИДЕО)

По неочекуваниот пораз од Вашингтон пред неколку дена, Јута им се врати на победите на домашен паркет и тоа против Оклахома. 

Џез славеа со 106-96 и на Тандер му го нанесоа седмиот пораз во низа или 10-тиот на последните 11 натпревари. Бојан Богдановиќ постигна 23 поени, додека Доновам Мичел имаше еден помалку. Кај поразениот тим одличен беше Лугуенц Дорт со 42 поени. 

Феникс ја запиша третата победа по ред или десетта на последните 11 средби откако славеше против вицепрвакот Мајами со 106-86. Клупата на Санс одигра фантастично и резервистите постигнаа вкупно 65 поени. Кем Џонсон и Кем Пејн беа најдобри со 15, односно 14 поени, а двоцифрен ефект имаа и Тори Крег, Дарио Шариќ и Џевон Картер, додека првите ѕвезди Девин Букер и Крис Пол беа „тивки“ со 12, односно пет поени.

Победи остварија и двата тима од Лос Анџелес и тоа на гостински паркет. Лејкерс беа подобри од Шарлот со 101-93, а беа предводени од Кајл Кузма со 24 поени. Клиперс пак славеа кај Индијана со 126-115, а најдобар беше Пол Џорџ со 36 поени.

НА ОСТАНАТИТЕ СРЕДБИ
Минесота - Бруклин 97-127
Торонто - Атланта 103-108
Портланд - Бостон 115-116