Оклахома го наполни кошот на Лејкерс, Јанг броеше до 45 (ВИДЕО)

Оклахома Сити Тандер ја оствари најубедливата победа ноќеска, совладувајќи го Лос Анџелес Лејкерс со 133-110 на домашен терен.

Да не беше опуштањето во последните минути, победата можеше да биде уште поубедлива и со повеќе постигнати поени. На домашниот тим му требаа помалку од три четвртини за да ја надмине „стотката“ и уште тогаш да ја обезбеди 12. победа во сезоната со која изби на третата позиција на табелата во Западната конференција.

Шеј Гилџес-Александер беше најефикасен кај Оклахома со 33 поени, а Вилијамс додаде 21. Кај Лејкерс, Ентони Дејвис и Леброн Џејмс остварија дабл-дабл, првиот со 31 поен и 14 скока, а вториот со 21 поен и 12 скока.

Атланта му го нанесе 13. пораз по ред на Сан Антонио Спарс, совладувајќи го на негов терен со 137-135, на крилјата на Тре Јанг. Плејмејкерот на Хоукс постигна 45 поени, гарнирани со 14 асистенции за потврда на одличната форма во која се наоѓа сезонава. Сочан беше најефикасен во домашниот тим со 33 поени.

РЕЗУЛТАТИ
Кливленд - Портланд 95-103
Бруклин - Шарлот 128-129
Мајами - Индијана 142-132
Њујорк - Детроит 118-112
Чикаго - Милвоки 120-113
Минесота - Јута 101-90
Оклахома - ЛА Лејкерс 133-110
Сан Антонио - Атланта 135-137
Голден Стејт - ЛА Клиперс 120-114