
Очајната последна четвртина скапо ја чинеше Оклахома, Индијана пак води (ВИДЕО)
Клучна беше последната четвртина во која Тандер влезе со предност од пет разлика, но во тие 12 минути постигна само 18 поени. На другата страна, се разиграа главните играчи, Индијана направи пресврт и дојде до посакуваната победа која ја носи уште поблиску до историска титула во НБА лигата.
На седум минути пред крајот беше нерешено (98-98), а потоа Индијана ја стегна одбраната и во финишот прими само девет поени. Шеј Гилџес Александер беше тотално запрен и во последната четвртина само еднаш се запиша во листата на стрелците и тука треба да се бараат причините за поразот на неговиот тим. Точка на мечот ставија Матуран и Сијакм кои во финишот реализираа и ги решија сите дилеми околу победникот.
Матуран беше најефикасен со 27 поени, а Халибартон беше на чекор од трипл дабл, постигнувајќи 22 поена, 11 асистенции и 9 скока. Вилијамс ја предводеше Оклахома со 26 поени, додека Гилџес Александер застана на 24. Четвртиот натпревар од серијата повторно се игра во Индијанаполис, в сабота рано наутро.