НБА горда на бројот на гледачи, а Партизан има повеќе

Ден по завршувањето на основниот дел од сезоната, НБА ги објави официјалните податоци за посетата на натпреварите.

Од менаџментот на лигата се задоволни бидејќи е соборен рекордот на вкупен број гледачи кој изнесува 22.536.341. Од останатите рекорди, 872 натпревари биле со распродадени билети, а просечната посета изнесува 18.322 гледачи. Една од причините за зголемувањето на бројот на љубители на кошарката е НБА купот, турнирот кој се играше во ноември и декември каде просечната посета изнесувала 18.208 гледачи.

Екипите на Бостон, Кливленд, Далас, Денвер, Голден Стејт, Мајами, Минесота, Филаделфија, Феникс и Сакраменто на секој натпревар на домашен терен играле пред полни трибини оваа сезона.

Сепак, сето ова паѓа во вода во спореда со најпосетениот тим во Евролигата - Партизан. Елитното европско кошаркарско натпреварување вчера објави дека „црно-белите“ оваа сезона просечно имале по 19.916 гледачи на натпреварите на домашен терен што е официјална бројка од продадени билети, а факт е дека на дуелите во белградската Арена имаше и повеќе посетители.