Можеби не е „дрим-тимот“ од 1992, но Американците со најдобрите играчи одат во Париз

Најголемите американски ѕвезди во НБА лигата го потврдија својот настап на Олимписките игри во Париз и САД повторно ќе бидат први фаворити за титулата на ова натпреварување.

Познати се 11 од вкупно 12 кошаркари кои ќе настапат на Игрите, а последното место ќе биде пополнето дополнително. Можеби не е ѕвезден како оној од 1992 година во Барселона, но американскиот тим секако е исклучително силен. Го предводат Леброн Џејмс и Стеф Кари, а тука се уште: Кевин Дурант, Џејсон Тејтум, Жоел Ембид, Девин Букер, Џру Холидеј, Тајрис Халибартон, Ентони Едвардс, Ентони Дејвис и Бам Адебајо.

Моќта на овој тим ќе се види веќе во првото коло од Олимписките игри во кое Американците ќе се сретнат со Србија за која се уште е неизвесно дали ќе игра Никола Јокиќ. Натпреварот се игра на 28 јули од 17:15 часот, а во групата Ц досега се знае само уште една репрезентација - Јужен Судан. Последниот учесник ќе биде познат на почетокот на јули кога завршуваат квалификациските турнири, а најсериозни фаворити за четвртото место се Италија и Литванија.