Мајк Д'Антони ќе му помага на поранешниот ученик во Бруклин

Искусниот НБА-тренер, Мајк Д'Антони, кој по завршувањето на изминатата сезона си замина од Хјустон, следниот ангажман ќе го има како асистент на Стив Неш во Бруклин. 

Канаѓанецот изненадувачки беше назначен за прв тренер на Нетс ова лето иако нема никакво искуство, освен индивидуална работа со неколку кошаркари. Поради тоа раководството на тимот ќе се обиде околу Неш да изгради искусен стручен штаб. 

Познатиот новинар од ЕСПН, Адријан Војнаровски објави дека Д'Антони прифатил да работи со Неш во Бруклин. Двајцата добро се познаваат со оглед на фактот дека Д'Антони му беше тренер на Неш во два тима, односно вкупно шест сезони. Заедно соработуваа во Феникс од 2004 до 2008 година, а потоа и во Лејкерс од 2012 до 2014 година.

Бруклин идната сезона треба да биде еден од најголемите фаворити за титулата во НБА-лигата, бидејќи на располагање конечно ќе ги има Кајри Ирвинг и Кевин Дурент, кои се опоравија од тешките повреди поради кои ја пропуштија изимнатата сезона.