Лилард со историско остварување, ѕверот од Босна му одржа лекција на Јокиќ (ВИДЕО)

Кошаркарите на Милвоки бакс и официјално го обезбедија првото место на Истокот во пресрет на плејофот во НБА, откако ноќеска, со голем пресврт, го совладаа тимот на Мајами хит (130-116), иако во вториот период имаа негатива од дури 23 поени (40-63).

Приказна на вечерта, сепак, е играта на Демиен Лилард во триумфот на Портланд трејлблејзерс над Денвер нагетс (125-115). Бекот на „пионерите“ направи нешто што досега само уште еднаш е видено во историјата на НБА, а тоа е да му се приклучи на Стеф Кари како единствените двајца кои на еден натпревар имале двоцифрен број тројки и асистенции. Лилард средбата ја заврши со 45 поени од кои имаше 11 тројки, заедно со 12 асистенции.

Оваа средба ја одбележа и балканското дерби помеѓу Јусуф Нуркиќ и Никола Јокиќ, кое заврши со подобар учинок на ѕверот од Босна, кој средбата ја заврши со 22 поени и седум скока. Српскиот ас, пак, беше сопрен во нападот, па реализира само осум поени со 13 асистенции. Портланд останува во игра за последното плејоф-место на Западот, со оглед на моменталниот пласман на деветата позиција, со минимално заостанување зад Мемфис гризлис.

Во дерби пресметките на вечерта, ЛА клиперс го совлада Далас маверикс (126-111), со одличната игра на Кавај Ленард со 29 и Пол Џорџ со 24 поени, додека на „телињата“ не им помогнаа добрите игри на Кристапс Порзингис и Лука Дончиќ, кои постигнаа 30 односно 29 поени. Хјустон рокитс, пак, лесно го совлада тимот на ЛА лејкерс (113-97), за кој не настапи Леброн Џејмс.