Лејкерси и без Дејвис го растурија Далас, ама најмногу аплаузи собра – џинот Марјановиќ (ВИДЕО)

Кошаркарите на ЛА Лејкерс без мака, лесно и убедливо, го совладаа тимот на Далас маверикс (129-114) во дербито од синоќешната програма во НБА и тоа во меч во кој настапија без повредената ѕвезда, Ентони Дејвис.

Најзаслужни за триумфот беа Леброн Џејмс и Кајл Кузма, кои уште во првата четвртина ги растажија сите во „Американ ерлајнс“ центарот постигнувајќи дури 45 поени. Уште тогаш дојдоа до водство со дури 18 поени, со што покажаа дека во Тексас се дојдени по победа. Фрустрацијата кај „телињата“ беше огромна во првото полувреме, што најдобро се гледа по фактот што Лука Дончиќ во соблекувалната замина со скинат дрес, кој самиот го „среди“ од нервоза.

Џејмс средбата ја заврши со 35 поени и 16 скока, а Кузма додаде со 26 поени и шест скока, додека Дончиќ беше најефикасен кај Далас со 25 поени и 10 скока. За одбележување е и партијата на српскиот џин Бобан Марјановиќ, кој имаше дабл-дабл ефект со 14 поени и 10 скока, а го доби и најголемиот аплауз на средбата откако, неочекувано за него, постигна – тројка.

РЕЗУЛТАТИ: Вашингтон-Атланта 111-101, Њујорк-Њу Орлеанс 111-123, Бруклин-Мајами 117-113, Чикаго-Индијана 106-116, Мемфис-С. Антонио 134-121, Феникс-Орландо 98-94, Јута-Шарлот 109-92, Далас-ЛА Лејкерс 114-129, Сакраменто-Милвоки 106-127, ЛА Клиперс-Г. Стејт 109-100.