Лејкерс газат на гости: Во Портланд дојдоа до 11-тата победа по ред (ВИДЕО)

Ентони Дејвис со 39 поени ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до победа од 136-113 на гостувањето кај Портланд. 

Најуспешниот тим (20-3) во НБА-лигата сезонава ја оствари 11-тата победа по ред, а интересно е тоа што единствениот пораз на гостински терен всушност го доживеа во својата арена и тоа во првото коло, кога во „Стејплс центарот“ играше како гостин против градскиот ривал Клиперс.

Леброн Џејмс постигна 31 поен и за малку не стигна до трипл-дабл, бидејќи натпреварот го заврши со девет скока и осум асистенции. Кај Портланд најдобар беше Демијан Лилард со 29 поени, Хасан Вајдсајд постигна 17, а по 15 поени реализираа Кармело Ентони и Си Џеј Мекалум.

Милвоки исто така е во фантастична серија од 14 победи по ред и тоа откако го совладаа Лос Анџелес клиперс и тоа убедливо со 119-91. Бакс во еден момент од натпреварот имаа и неверојатно водство од 41 разлика. Јанис Адетокумпо имаше 29 поени и 11 скока кај домашните, што за него беше 21.дабл-дабл во сезоната. Кај Клиперс, првите две ѕвезди Каваи Ленард и Пол Џорџ немаа своја вечер и натпреварот го завршија со 17, односно 15 поени.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Шарлот - Бруклин 104-111
Кливленд - Орландо 87-93
Детроит - Индијана 108-101
Бостон - Денвер 108-95
Чикаго - Голден Стејт 98-100
Мајами - Вашингтон 112-103
Оклахома - Минесота 139-127 (ПП)
Сан Антонио - Сакраменто 105-104 (ПП)