Легенда удри по Дончиќ: Зошто те плаќаат 50 милиони долари? Издржи болка и играј!

Ситуацијата во Лос Анџелес Лејкерс е алармантна откако тимот беше убедливо поразен од Оклахома со 108-90 во првиот натпревар од полуфиналето на Западната конференција, а на удар на критиките се најде Лука Дончиќ.

Словенечката ѕвезда го пропушти и овој меч поради повреда, што предизвика бурни реакции во американската јавност.

Дончиќ се мачи со повреда на задната ложа од втор степен уште од 2 април и иако постоеја надежи за брзо закрепнување, го пропушти целиот досегашен плејоф. Неговото отсуство беше и тоа како забележливо против расположената екипа на Оклахома, предводена од Шеј Гилџис-Александер.

Меѓу најгласните критичари се најде и легендарниот борач Рик Флер, кој преку социјалните мрежи му испрати жестока порака на Дончиќ.

„Лука, те молам, влези во игра! Земи инјекција со кортизон и издржи ја болката! Те плаќаат 50 милиони долари годишно, а не си на паркетот! Што е ова?! Се надевам дека Џини Бас следната година ќе те размени. Никој не сака играч на кој не може да смета!“, напиша Флер.

Неговата фрустрација доаѓа во момент кога Лејкерс во серијата против Оклахома важат за аутсајдери. Иако Леброн Џејмс практично сам го влечеше тимот во првата рунда од плејофот, јасно е дека против ваков силен противник му е неопходна помош од Дончиќ.

Најновите информации за состојбата на Дончиќ не се оптимистички. Познатиот инсајдер Шамс Чарани објави дека Дончиќ најверојатно ќе го пропушти и вториот натпревар.

Фото: Los Angeles Lakers/FB