Леброн постави нов рекорд, но и го претрпе – најтешкиот пораз во кариерата (ВИДЕО)

Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Леброн Џејмс, имаше мешани емоции по синоќешниот дуел против Филаделфија севентисиксерс (94-138), откако сруши уште еден рекорд на Карим Абдул-Џабар во ноќта во која го претрпе најтешкиот пораз во кариерата.

Ѕвездата на Лос Анџелес со 66.298 минути стана кошаркар со најмногу поминуто време на теренот во историјата на НБА, со што го сруши повеќе деценискиот рекорд на легендарниот центар на „езерџиите“, кој застана на една минута помалку. Но, секогаш кога „Кралот Џејмс“ ќе се сети на овој рекорд, горчина ќе му направи фактот што е остварен во дуел во кој загуби со неверојатни 44 поени разлика.

Филаделфија на овој меч постигна 22 тројки, а најдобар кај победничкиот тим беше Џоел Ембид со 30 поени и по 11 скока и 11 асистенции. Леброн средбата ја заврши со 18 поени и беше најефикасен во поразениот тим, а неверојатно е дека тој немаше ниту еден скок. Ова е само третпат во неговата кариера да нема ниту една освоена топка под двата коша, а претходно тоа му се случи во 2004 година како играч на Кливленд кавалирс, како и во 2010 година кога го носеше дресот на Мајами хит.