Леброн и Дончиќ се одличен тандем - и Минесота се увери во тоа (ВИДЕО)

Екипата на Лос Анџелес Лејкерс ја оствари четвртата победа по ред откако утринава на домашен терен ја победи Минесота со 111-102.

Клучен беше фантастичниот старт на тимот од Калифорнија и предноста од 33-17 во првата четвртина по што на гостите им беше многу потешко да функционираат. Минесота се погрижи за неизвесност во последниот период кога се доближи на само три поени разлика (90-93), но не успеа да направи комплетен пресврт.

Во тој дел од играта, како многу важен момент се покажа исклучувањето на Ентони Едвардс кој доби втора техничка грешка и мораше да замине во соблекувална. Тоа му е 16. техничка грешка сезонава поради што ќе го пропушти следниот натпревар.

Од доаѓањето на Дончиќ, Леброн Џејмс игра како препороден и против Минесота постигна 33 поени, 17 скока и 6 асистенции. Словенецот го следеше со 21 поен и 13 скока и имаше очаен шут од игра 6/20, но се истакна во другите елементи и беше сигурна потпора за својот соиграч. Шенон со 23 поени ја предводеше Минесота која падна на осмата позиција на Западот со биланс 32/28.