Јокиќ во една вечер сруши три рекорди – се изедначи со Џордан, Брајант и Чембрлен!

Никола Јокиќ продолжува да доминира на НБА терените, откако во победата на Денвер над Сан Антонио (122-111) постигна неверојатни 46 поени со 10 асистенции и 9 скокови.

Овој подвиг е уште повпечатлив бидејќи неговата вкупна статистика во двете „бек-ту-бек“ средби со „спарси“ изнесува 87 поени, 27 скокови и 19 асистенции. Србинот со ваквите изведби е главен фаворит за МВП наградата, а една од причините за тоа е што синоќа влезе во друштво со легендарни имиња од историјата на кошарката.

Јокиќ го изедначи рекордот на славниот Вилт Чемберлејн за најмногу натпревари со учинок од најмалку 45 поени и 10 асистенции од еден центар. Тој стана првиот кошаркар од 2007 година (по Коби Брајант) кој во две последователни средби упатил 35 шутеви кон кошот, при што погоди повеќе од половина. Српскиот ас е единствениот кошаркар во историјата на НБА со статистика од најмалку 46 поени, 9 скокови, 10 асистенции, 2 блокади и 2 украдени топки во еден натпревар. Единствениот кој се доближува до ова е Мајкл Џордан, но Јокиќ ваква игра покажал двапати – еднаш и во 2022 година против Њу Орлеанс Пеликанс.

Ѕвездата на Денвер со просек од 31,5 поени, 13 скокови и 9,7 асистенции по натпревар оваа сезона е на добар пат да ја освои својата трета МВП награда по ред, а вкупно четврта во кариерата.