Јокиќ вечерва ќе навива за Дончиќ и Дурант - само со нивна помош може до првото место

Денешниот ден е последен од основниот дел во НБА лигата, а како никогаш, подеднакво е драматично и во борбата за врвот и во борбата за пласман во плејофот.

Одамна е извесно само дека Бостон ќе биде најдобар тим во лигата пред плејофот и дека во првата рунда ќе се сретнат Лос Анџелес Клиперс и Далас, за се останато ќе се решава вечерва. Најинтересно е во битката за првото место во Западната конференција за кое се борат три екипи - Оклахома, Минесота и Денвер.

Шампионот има на хартија најлесна работа бидејќи се среќава со Мемфис кој не е оптоварен од резултатски императив, но многу работи зависат од исходот на натпреварите на Оклахома и Минесота. Ако слават сите три екипи, Денвер ќе го освои дури третото место на табелата на Западот.

Минесота го пречекува Феникс кој има амбиции да се бори за резултат затоа што се уште постојат шанси за шестото место. Оклахома се среќава со Далас и тука се зависи од тоа дали на теренот ќе бидат најголемите ѕвезди Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг. Словенецот не играше на претходниот меч и не е исклучено повторно да добие поштеда иако Далас се уште има шанса за четвртото место што носи предност на домашен терен во првата рунда од плејофот.