Историја во НБА – прв Шпанец тренер на една екипа

Шпанскиот стручњак и селектор на репрезентацијата на Канада, Жорди Фернандез идната сезона ќе го води тимот на Бруклин Нетс.

Иако од франшизата уште нема официјална потврда, американските медиуми уверуваат дека изборот е веќе направен и дека Фернандез ќе стане прв Шпанец тренер на една екипа во НБА. Во моментов тој е дел од стручниот штаб на Сакраменто Кингс, но добил дозвола од тимот од Калифорнија да води преговори и, евентуално, да се пресели на источниот брег.

Фернандез работи како тренер во НБА од 2009 година, но никогаш досега не бил прв тренер. Како асистент беше во Кливленд од 2009 до 2013, потоа од 2016 до 2022 година работеше во Денвер Нагетс, а лани се пресели во Сакраменто.