Голема аквизиција за првакот: Презимето Гасол пак на дресот на ЛА Лејкерс!

Актуелниот светски првак со Шпанија и до неодамна НБА-шампион со Торонто репторс, Марк Гасол, ќе ја продолжи кариерата по стапките на својот постар брат Пау, откако потпиша двегодишен договор со најдобриот во моментов во најсилната лига на светот, тимот на ЛА Лејкерс.

Тој имаше понуда да се врати во Канада, односно во Тампа Беј, градот во кој „репторси“ ќе ја играат следната сезона поради забраната за меѓудржавни патувања поради кризата со коронавирусот, но реши да се пресели во Калифорнија. За „езерџиите“, пак, ова е идеална замена за Двајт Хауард под кошевите, со оглед што Гасол иако нема посебно добра сезона зад себе, сѐ уште е меѓу најдобрите високи играчи во НБА.

Покрај Шпанецот, Лејкерси изминативе денови ги ангажираа Денис Шрудер, Весли Метјуз и Монтез Херел, а го продолжија договорот со Кентевијус Калдвел-Поуп, поради што, барем на хартија, делува дека ќе имаат уште посилен состав во однос на тој што дојде до шампионскиот прстен.