Голем кикс на Јокиќ и Денвер – загубија од најлошиот на Западот и останаа без првото место (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер нагетс го претрпеа најтешкиот пораз сезонава, откако ноќеска неочекувано загубија на гостувањето кај Сан Антонио спарс (120-121) што за нив значеше и губење на првото место во Западната конференција и тоа на едно коло пред крајот на регуларниот дел од НБА.

„Спарси“ се најлош тим на Западот, но синоќа покажаа дека пред нив има иднина. Трагичар во таборот на шампионоте беше Никола Јокиќ, кој во клучните моменти во финишот промаши два шута, а имаше и една загубена топка со што директно влијаеше врз поразот на „нагетси“. Србинот средбата ја заврши со 22 поени и 12 скока, додека најпрецизен во поразениот тим беше Џамал Мареј со 35 поени. Кај составот од Тексас, пак, блескаше француското „чудо од дете“, Виктор Вембањама, со 34 поени и 12 скока.

 

 

Поразот на Денвер, пак, го искористија Минесота тимбервулфс и Оклахома сити тандерс, кои со победите против Атланта хокс (109-106) односно против Милвоки бакс (125-107) се изедначија со актуелниот првак на врвот од табелата на Западот со скор 56-25. Трите екипи имаат по уште еден меч, а во последната рунда Денвер ќе му гостува на Мемфис, Оклахома сити ќе игра против Далас, а Минесота пред своите гледачи ќе игра против Феникс. Доколку сите победат и завршат со идентичен скор, Оклахома сити ќе биде прва во Западната конференција, Минесота втора, а Денвер трет. Доколку Минесота и Оклахома сити имаат идентичен скор, тогаш предност ќе имаат „волците“. Во Западната конференција, во последниот меч ќе биде одлучено и кој ќе заврши како шести, а во предност е Њу Орлеанс (49-32) пред Феникс санс (48-33), па „пеликанс“ со евентуална победа над ЛА Лејкерс сигурно ќе обезбедат директен пласман во плејофот.

 

 

На Истокот е далеку покомпликувана ситуацијата, каде што сигурно е само дека Бостон селтикс е прв, а пласман во плејофот имаат обезбедено уште Њујорк, Милвоки и Кливленд. Од петтото до седмото место се Филаделфија, Индијана и Орландо, кои имаат идентичен скор (46-35), па една од нив ќе мора да игра во плеј-ин турнирот за пласман во плејофот.

РЕЗУЛТАТИ: Филаделфија – Орландо 125-113, Вашингтон – Чикаго 127-129, Бостон – Шарлот 131-98, Кливленд – Индијана 129-120, Њујорк – Бруклин 111-107, Мемфис – ЛА Лејкерс 120-123, Мајами – Торонто 125-103, Минесота – Атланта 109-106, Оклахома сити – Милвоки 125-107, Сан Антонио – Денвер 121-120, Далас – Детроит 89-107, Голден стејт – Њу Орлеанс 109-114, Портланд – Хјустон 107-116, Сакраменто – Феникс 107-108.