Голден Стејт победи, Сакраменто загуби - драма на Западот во борбата за плејин (ВИДЕО)

Последните три дена од основниот дел од сезоната во НБА лигата ќе донесат драма во борбата за неколку места во плејофот, но особено во битката од осмата до десеттата позиција во Западната конференција.

Победата на Голден Стејт против Портланд и поразот на Сакраменто од Њу Орлеанс придонесоа дури три екипи да се најдат на делба на осмото место со идентичен биланс. Освен Вориорс и Кингс, во конкуренција се Лејкерс, па до недела ќе биде неизвесно кој ќе биде во нешто подобра позиција пред стартот на плејинот.

Голден Стејт славеше на гостувањето кај Портланд со 100-92 благодарение на фантастичниот финиш на мечот. Домаќините водеа со 85-79 кон средината на последниот квартал, а Вориорс го затворија натпреварот со серија од 21-7 за пресврт и победа. Кари беше најефикасен во победничкиот тим со 22 поена, но со лош шут за тројка (5/16), Куминга додаде 19, а Вигинс 15. Ејтон со 25 поени и 11 скока го предводеше Портланд кој одамна ги загуби шанси за пласман во доигрувањето.

Сакраменто испушти можност речиси да го обезбеди местото во плејинот бидејќи на домашен терен загуби од Њу Орлеанс со 123-135. Кингс беа во подредена положба во текот на целиот меч, во последната четвртина губеа и со 23 поени разлика за потоа да се изборат барем за пристоен пораз.

РЕЗУЛТАТИ
Детроит - Чикаго 105-127
Бостон - Њујорк 109-118
Јута - Хјустон 124-121
Портланд - Голден Стејт 92-100
Сакраменто - Њу Орлеанс 123-135