Феноменално деби на Шошкиќ - постигна речиси третина од поените на својот тим (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Андреј Шошкиќ на блескав начин го означи својот почеток на престојот во НЦАА.

Летоска тој го напушти Работнички и се пресели во САД, а од оваа сезона го носи дресот на Универзитетот Стони Брук. Ноќеска почна новата сезона во НЦАА, Стони Брук играше против Фармингдејл Стејт и триумфираше со 66-59, а најголема заслуга за триумфот има македонскиот плејмејкер кој постигна безмалку третина од поените на својот тим.

Шошкиќ играше 26 минути и беше прв стрелец на натпреварот со 20 поени, со одличен шут од игра - 7/10, вклучувајќи 2/4 за тројка. Додаде уште четири скока, една асистенција, две украдени и само една загубена топка со што ги заслужи честитките од сите страни.

Вториот натпревар од новата сезона, Стони Брук ќе го игра на 8 ноември против Универзитетот Мејн.