„Џуџето“ со три победи во забивање на НБА олстар-викендот се бори за – живот!

Поранешниот НБА кошаркар, Нејт Робинсон (39), деновиве се бори за живот, со оглед што му треба трансплантација на бубрег за да преживее, а додека не се појави донатор кој би му го спасил животот мора редовно да оди на дијализа.

Тој беше познат по својата агресивност и експлозивност, а беше и троен шампион на Ол-стар викендот во забивање, иако го има(ше) прекарот Џуџе бидејќи е висок само 175 сантиметри. Тој деновиве откри детали од неговата секојдневна борба, а како што вели самиот нема да биде уште многу жив доколку не се појави донатор кој ќе му даде бубрег.

„Знам дека не ми останува уште многу ако не добијам нов бубрег. Затоа го користам секој момент колку што можам повеќе. Телото знае и да ја одбие дијализата, но фала богу моето не е такво и можам да продолжам да живеам. Ако не одев на дијализа, немаше да издржам повеќе од недела или две. Сериозно е, не можам да го пропуштам ниту еден ден. Одам три дена во неделата по четири часа. Ми ја чистат крвта и ги вадат сите токсини. Многу ми помагаат бидејќи така преживувам“, изјави Робинсон.

Тој во НБА влезе во 2005 година како кошаркар на Њујорк никс, каде што остана во следните пет години. Неговата НБА-кариера траеше до 2018 година, период во кој настапуваше уште и за Бостон, Оклахома сити, Голден стејт, Чикаго булс, Денвер, ЛА Клиперс и Њу Орлеанс пеликанс. Извесен период беше кошаркар и на израелскиот тим Хапоел Тел Авив.