Џордан ќе му посака добредојде на Кукоч во „Куќата на славните“

Легендарниот хрватски кошаркар Тони Кукоч вечерва ќе биде примен во „Куќата на славните“ во Спрингфилд. 

Кукоч важи за еден од најдобрите европски играчи што некогаш настапиле во НБА-лигата. Тој беше дел од неверојатната генерација на Чикаго булс предводена од Мајкл Џордан, која освои три шампионски титули по ред од 1996 до 1998 година. Токму Џордан и претседателот на Булс, Џери Рајнсдорф ќе му посакаат добредојде во „Куќата на славните“ на вечерашната свечена церемонија во „Најсмит меморијал“.

„Мислам дека нема подобра личност од Мајкл Џордан да стои крај мене. Мајкл на мојот живот влијаеше на секој можен начин“, рече Кукоч.

Хрватот на почетокот имаше комплициран однос со Џордан, но потоа двајцата станаа најдобри пријатели. До ден денеска се дружат постојано, а најчесто на терените за голф.