
„Дончиќ е најлошиот дефанзивец во транзиција во историјата – се влече како баба!“
Еден од аналитичарите на телевизијата ЕСПН, Тим Мекмахон, потенцира дека Словенецот е најлошиот дефанзивец во транзиција, додавајќи дека е тоа во историјата на НБА.
„Еден скаут ми кажа дека Дончиќ е најлош дефанзивен кошаркар во транзиција и иако можеби изгледа преувеличено, јас се согласувам со него. Кога ќе го фатат емоциите и ќе почне да им вика на судиите, противниците веќе стигнале под кошот на Далас, па и поентирале. На многу напади на противникот тој не стигнува да се врати ниту до половина терен, а неретко во тие моменти е уште на линијата за слободни фрлања на ривалот. Буквално се влече како баба“, изјави Мекмахон.
Тој смета дека на Далас му е потребен човек кој ќе може да го контролира Дончиќ и неговите емоции, бидејќи кошаркарот и тоа како е подготвен да даде уште повеќе на двете страни од теренот.
„Алармот е веќе запален во Далас. Кид се обиде да го контролира, ама без успех. Поради незадоволството на Дончиќ беше направен трејд и ангажиран Кајри Ирвинг, ама и тоа засега не вродува со плод. Ова е тимот кој најмногу разочара досега“, дополни аналитичарот на ЕСПН.
„Телињата“ од Тексас во моментов се на 11. позиција на Западот со скор 37-39 и до крајот ќе водат грчевита борба барем за место во плејинот, иако им прогнозираа дури и борба за пласман во финалето.