Дончиќ е кандидат за МВП: Уште една маестрална игра на Словенецот (ВИДЕО)

Лука Дончиќ уште еднаш покажа дека моментално е меѓу најдобрите кошаркари на денешницата, откако одигра уште еден фантастичен натпревар за Далас. 

Тој му помогна на својот тим да дојде до триумф од 138-122 на гостувањето кај Мемфис и тоа со 24 поени, 14 скока и осум асистенции. Словенецот многу лесно можеше да стигне до својот петти сезонски трипл-дабл, но тренерот Рик Карлајл одлучи да не го стави во игра во последната четвртина. Победата на Маверикс е исто така импресивна поради тоа што не играше ниту Кристапс Порцингис поради проблеми со коленото. Интересно, ова за Далас беше четврта победа на гостински терен на четвртиот натпревар. 

Џејмс Харден со 42 поени, 10 скока и девет асистенции беше лидер на Хјустон во триумфор од 117-94 кај Чикаго. Расел Вестбрук исто така беше од голема помош со 26 поени кај Рокетс, кои ја забележаа третата победа по ред. 

Оклахома со 114-108 го совлада Голден Стејт, кој со овој пораз падна на последната позиција на табелата на Западната конференција со скор од 2-8. 

Њу Орлеанс ја забележа само втората сезонска победа откако славеше кај Шарлот со 115-110.

Бостон синоќа дојде до импресивна победа од 135-115 во Сан Антонио. Џејлен Браун со 30 поени беше лидер кај Селтикс, додека Кемба Вокер броеше до 26. Демар Дерозан со 22 поени најмногу се истакна кај Спарс.