Доигрувањето на НБА во Дизниленд ќе чини – 150 милиони долари

Доигрувањето на прекинатата сезона во НБА-лигата од 31 јули во Дизниленд, Орландо (Флорида) ќе ја чини најсилната кошаркарска лига неверојатни 150 милиони долари, за 22-та тима да имаат максимални услови и безбедност за да се заврши сезоната прекината поради пандемијата од коронавирус.

Вкупно 1.500 луѓе ќе бидат три месеци сместени во Дизниленд за да ја завршат сезоната, а според протоколот тие ќе бидат максимално изолирани, ќе играат во три арени, ќе јадат во три ресторани, сместени се во хотели, а седум други сали се ставени на располагање за тренинзи.

Патем постојано ќе бидат тестирани на Ковид-19, како дел од неверојатниот протокол што НБА го направи на дури 113 страници и е прифатен од здравствените власти во САД.

Иако во периодов има низа позитивни случаи, НБА уверува дека ќе се игра сезоната, а секое појавување на нов заразен ќе биде изолиран, додека останатите константно тестирани.

„Трошоците се огромни, ама имаме обврска кон комплетната кошаркарска индустрија и кон спортот да обезбедиме нормално доигрување на сезоната“, вели комесарот Адам Силвер.

Според пресметките НБА поради пандемијата ќе загуби една милијарда долари, без оглед што со доигрувањето ќе ги наплати ТВ-правата.