Дербито на Истокот за Чикаго, Сан Антонио го изненади Голден Стејт (ВИДЕО)

Чикаго победи на гостувањето кај Бруклин со 111-107 во дуелот на двете најдобри екипи во Источната конференција во НБА-лигата. 

Булс до третата победа по ред ги предводеше Зек Лавин со 31 поен, додека Демар Дерозан имаше два помалку. Кевин Дурент имаше 28 поени и 10 скока за Нетс, додека Ламаркус Олдриџ запиша 20 поени. 

Голден Стејт загуби на домашен паркет од Сан Антонио со 107-112, само еден ден откако ја прекина победничката низа на Феникс од 18 победи по ред во НБА-лигата. Стеф Кари со 27 поени очекувано беше најдобар кај Вориорс, додека Спарс ги предводеа Дерик Вајт и Дежонте Мареј со 25, односно 23 поени.

Шампионот Милвоки и без Јанис Адетокумпо во составот убедливо славеше против Мајами со 124-102. Пет Конактнон со 23 поени и Крис Мидлтон со 22 најмногу се истакнаа кај Бакс. Гостите од Флорида беа без Џими Батлер и Бам Адебајо, па Макс Струс со 25 поени беше најефикасен. 

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Далас - Мемфис 90-97
Портланд - Бостон 117-145
Сакраменто - ЛА Клиперс 104-99