
Пешиќ заминува во историјата, ќе го замени поранешен тренер на Перо Антиќ?
За четири години како предводник на националниот тим, тој освои сребро на Светско првенство и бронза на Олимписки игри, но киксираше на двете европски првенства на кои Србија испадна во осминафиналето. Медиумите кај нашиот северен сосед тврдат дека е веќе познат наследникот на Пешиќ на селекторската функција и тој би требало денеска или утре да биде промовиран.
По се изгледа, репрезентацијата ќе ја преземе 39-годишниот Душан Алимпијевиќ кој во моментов е тренер на турскиот прволигаш Бешикташ. Во својата кариера, тој работеше и во ФМП, Црвена Звезда и Бурса со која во 2022 година направи големо изненадување и стигна до финалето на Еврокупот каде загуби од Виртус. Додека работеше во Црвена Звезда му беше тренер на Перо Антиќ, но доби отказ пред крајот на сезоната 2017/18 поради серијата слаби резултати и неуспехот да ја освои титулата во АБА лигата.
Бешикташ исто така се натпреварува во Еврокупот оваа сезона, па за Алимпијевиќ нема да има проблем да ја води репрезентацијата во квалификациите за Светското првенство кои стартуваат во ноември. Токму Мундијалот во 2027 година ќе биде прво големо натпреварување на кое Алимпијевиќ може да ја води српската репрезентација.