Партизан носи екс соиграч на Јокиќ за плата од два милиони долари за шест месеци

Менаџментот на Партизан се наоѓа пред договор со поранешниот играч на Денвер, Лос Анџелес Лејкерс и Детроит, Малик Бисли, објавија денеска светските медиуми.

Наводно, преговорите се во завршна фаза, а Бисли треба да потпише договор до крајот на сезоната, односно на шест месеци за што ќе добие два милиони долари. Информациите не се без основа бидејќи 29-годишниот е без тим од крајот на минатата сезона кога си замина од Пистонс.

Бисли влезе во НБА лигата во 2016 година кога како 19. пик беше избран од Денвер Нагетс. Во тимот од Колорадо помина четири сезони, потоа две играше за Минесота и во кратки интервали за Јута, Лејкерс, Милвоки и Детроит.

Минатата сезона тој ги одигра сите 82 натпревара од основниот дел што беше негов апсолутен рекорд во кариерата, но доби отказ од Пистонс затоа што против него беше поведена постапка за нелегално обложување.