Панатинаикос по продолженија до победа, Баерн славеше по драма во Лион

Грчкиот гигант Панатинаикос во „ОАКА арената“ беше подобар од Виртус Болоња по продолженија со 88-85, додека Баерн Минхен по драматична битка со Асвел успеа да слави со 75-74.

Гостите од Италија ја добија првата четвртина со 21-12, а тоа им овозможи на паузата меѓу полувремињата да заминат со 41-38. Виртус не се предаваше ниту во вториот дел, иако Панатинаикос постојано притискаше и конечно го скрши отпорот на гостите во финишот од третата четвртина за да го сврти резултатот во своја корист (67-62).

Завршницата од дуелот донесе голема драма и возбудувања, а Виртус успеа да израмни на 76-76 и така да се избори за продолженија, каде што подобри беа кошаркарите на грчкиот тим со 12-9.

Најдобар во победничкиот состав беше Вилијамс со 26 поени и осум скокови, додека Џаите постигна 20 поени и 10 скокови за Виртус.

Уште еден интересен меч се играше во Лион, каде што победник беше Баерн откако победата ја потврди во последните секунди од натпреварот, а најдобар во триумфот беше Лучиќ со 13 поени и пет скокови, додека кај Асвел најефикасен беше Де Коло со 15 поени и два скока.

Во последниот натпревар кој се играше вечерва Басконија без проблеми го растури Жалгирис Каунас со 93-73.