Очекувано: Пелистер убедливо поразен кај вториот тим на Цедевита!

Македонскиот кошаркарски прволигаш Пелистер ја почна европската авантура во ФИБА Еврокупот со убедлив пораз (76-94) од Цедевита јуниор, која се наоѓа во одлична форма.

Вториот тим на Цедевита со најголеми проблеми против македонскиот тим се соочи во првата четвртина, кога Пелистер имаше и предност (14-12), меѓутоа хрватската екипа потоа направи пресврт (24-20).

Цедевита јуниор ја контролираше играта во втората четвртина, кога поведе со +10 (44-34), а Пелистер целосно се распадна на почетокот на вториот дел кога нивниот ривал водеше и со +16 (67-51).

Предноста на хрватскиот состав растеше како минуваше времето, додека Пелистер грешеше во нападот, а играше ужасно и во одбраната, па на крајот битолчани загубија со 76-94.

Најефикасен кај Цедевита јуниор беше Кори Ален-Вилијамс со 18 поени, еден скок и пет асистенции, додека Ленгстон Џејк Вилсон постигна 17 поени, 12 скокови и една асистенција за Пелистер.